Премиерот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да реагира на изјавите на СДСМ дека ќе се носат мигранти во Македонија. Според Мицкоски, овие изјави претставуваат создавање немир и паника кај граѓаните, што, како што вели, е предвидено во Кривичниот законик.

„Мора тука и обвинителството да се позанимава со оваа тема затоа што во Кривичниот законик ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Затоа што ако еднаш, двапати, трипати демантиратме и вие континуирано продолжите со оваа тема имате намера и тенденција да создадете несигурност паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате за тоа. Еве ќе дојде март нема да има мигранти прифатени како резултат на договор со Велика Британија или било каков друг договор. Ќе дојде и јуни ќе нема мигранти, ќе нема мигрантски кампови и тогаш под 100 илјади гласови ќе бидат од СДСМ и ќе станат маргинална партија, ако тоа им е целта нека продолжат“, истакна Мицкоски.

Од СДСМ денеска на прес-конференција кажаа дека Власта прифатила мигранти во пакет со кредити од 6 милијарди евра.

„Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.

„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите е превземен од МАКФАКС.