Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан „Саем – Отчет, четири години работа за тебе“ испрати силни пораки поврзани со претстојните локални избори.
Тој изрази уверување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари убедлива победа и дека во најголемиот дел изборната трка ќе биде решена уште во првиот круг.
„Тоа го покажуваат анкетите, но и нашето чувство кое произлегува од искуството во комуникација со граѓаните. Но секоја победа мора да се заслужи со работа и чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат луѓе од народот, посветени на секојдневните проблеми на граѓаните.
„Секој кандидат мора да се држи до вредностите и принципите. Мора да кревате телефон, да решавате проблеми и да градите подобра иднина“, истакна тој.
Мицкоски се осврна и на тоа каков треба да биде идеалниот градоначалник: работлив, чесен и одговорен.
„Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар. Мора да биде транспарентен, прв да дојде на работа и последен да замине. Секоја негова одлука ја менува иднината на илјадници луѓе“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека граѓаните очекуваат луѓе што не размислуваат за следниот изборен циклус, туку за идните генерации.
„Ни требаат градоначалници кои исполнуваат, а не политичари кои ветуваат“, порача Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Убедлива победа на локалните избори, нашите кандидати ќе бидат слуги на народот, а не негови господари е превземен од МАКФАКС.