Премиерот Христијан Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет да си поднесат оставки под притисок од јавноста. Според него, јавната реакција е клучна за промени во актуелниот состав на советот.

На прашањето како ќе се избираат нови членови на Судскиот совет, Мицкоски истакна дека тоа ќе се одвива согласно законските одредби што ќе бидат на сила во моментот. Сепак, нагласи дека првиот чекор е јавноста да изврши притисок врз актуелните членови за да дојде до промени.

„Алатката е јавноста, ќе се бориме јавно, вистината е најпрецизна во јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој Судски совет, од овој состав, и мислам дека нема подобра алатка од јавноста“, изјави Мицкоски.

Во однос на иницијативата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерпелација на членовите на советот кои се избрани од Собранието, премиерот нагласи дека тоа е една од алатките што законодавниот дом може да ја искористи. Сепак, дури и во случај на изгласана интерпелација, конечната одлука за повлекување од функцијата ќе зависи од самите членови.

„Нив до последно ги штити законот. Тие можат да кажат дека нема да си поднесат оставки и да останат додека не им завршат мандатите. Но, се надевам дека ќе бидат доблесни, доколку интерпелацијата биде изгласана и заклучокот на пратениците е дека треба да има промени, да си заминат“, додаде Мицкоски.

Осврнувајќи се на Советот на јавни обвинители, кој исто така беше критикуван од страна на владата, Мицкоски најави дека претстојат бројни реформи. Тој, сепак, нагласи дека не сака да зборува со заканувачки тон, оставајќи времето да покаже какви промени ќе следуваат.

Интерпелацијата за петтемина членови на Судскиот совет, избрани од Собранието, е сè поизвесна, но нивното разрешување останува под знак прашалник. Иницијативата, поднесена оваа недела, доби поддршка од 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но конечната одлука за нивното заминување ќе зависи од самите членови, согласно Законот за Судски совет.

На удар на интерпелацијата се судиите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Очекувањата се дека ова прашање ќе се најде на дневен ред на собраниската седница на почетокот од март.