Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека со измените на Кривичниот законик власта се подготвува за опозиција и се обидува да обезбеди покомотна состојба. Тој додаде дека секој политичар кој направил криминал ќе одговара.

Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Бутел, во врска со изјавата на премиерот Ковачевски во однос на овие измени.

-Ковачевски многу работи зборува изминатиот период, често пати велам дека сепак поради институцијата која што ја претставува треба да се коментира, инаку индивидуално не знам дали воопшто заслужуваат тие негови позиции коментар но еве јавноста нека оцени, ако не е тешко дело перење на пари, уцена итн., има неколку дела кои се директно афектирани од страна на овие измени во Кривичниот законик, ако не се тешки дела тогаш навистина не знам што се тешки дела. Јасно е дека тој и пратениците на СДСМ заедно со ДУИ и пратениците од ДУИ и останатите се спремаат за опозиција и на ваков начин сакаат да си обезбедат покомотна положба. Но мојата порака изминатите денови е иста, константна, а тоа е дека набрзо од денеска владата на ВМРО-ДПМНЕ и покрај овие измени кои што на начин на кој што ги направија со злоупотреба на европското знаменце ќе бидат ефективни, има уште десетици други членови кои што се дел и од кривичниот законик и од други закони по кои што секој оној криминален политичар, кој што сторил криминал ќе одговара. Така што мислам дека залудни им се овие обиде да направат нешто кое што мислат дека ќе им помогне но нема да им помогне, нагласи Мицкоски.

Тој се осврна и на случајот со Онкологија, нагласувајќи дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ од корен ќе се зафати со проблемот и сите за кои ќе има докази ќе одговараат.

-Загрижени се од власта затоа што ако тој КАТО систем бил функционален тогаш многу јасно ќе дојдевме до одговорот на суштинските прашања кој е тој што ги злоупотребил животите на оние луѓе кои за жал поради недоволна медицинска грижа беа загубени изминативе години, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека разбирал што актуелниот министер мора да бара изговори затоа што, како што рече, таква му била насоката, но, додаде дека нема оправдување ни за него ни за надлежните органи.

– Го разбирам овој министер дека мора да бара изговори, не можам да го оправдам, бидејќи таква насока добил од коалицијата и претпоставените. Не можам да ги оправдам ниту надлежните органи кои се уште, по толку недели не излегоа со јасна детекција кој е тој виновник којшто предизвикал ова да се случува, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека идната власт на ВМРО-ДПМНЕ има намера сериозно да го реши овој проблем и виновниците да одговараат.

-Повторно ќе кажам од мое име и името на семејствата кои се жртви на овој грозоморен и траорен настан кој се случувал на клиниката за Онкологија, набргу од денеска ќе имаме нова влада од ВМРО-ДПМНЕ која има сериозно во корен да се зафати со решавање на овој проблем и сите оние за кои постои основано сомневање и докази дека се богателе на грбот на животите на нашите сограѓани има сериозно да одговараат, потенцираше Мицкоски.