Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи информира дека се реализира проектот за изградба на училишна фискултурна сала во ООУ „Наум Охридски“ во населено место Црешево во Општина Гази Баба.
Како што посочува премиерот, проектот опфаќа реализација на современ спортски објект без гледалиште, наменет за изведување на наставата по физичко образование и рекреативни активности.
Со изградбата на овој објект, како што стои во објавата на Фејсбук, се создаваат безбедни, функционални и современи услови за физичка активност на учениците, што директно придонесува за нивниот здрав развој, зголемена физичка активност и подобар квалитет на образовниот процес.
-Проектот претставува значаен чекор во унапредувањето на училишната инфраструктура и вложување во иднината на младите генерации. Инвестицијата изнесува 33.047.868 денари, средства обезбедени од Буџетот на Владата преку Министерството за образование и наука. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина, се посочува во објавата на премиерот Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Се реализира проектот за изградба на училишна фискултурна сала во ООУ „Наум Охридски“ е превземен од МАКФАКС.





















