Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Интервју на Шења“, на ТВ Шења рече дека власта стои зад порталот на кој осомничениот за двојното свирепо убиство Љупчо Палевски настапувал и сеел омраза. Според Мицкоски токму власта го заштитувала и охрабрувала за таквото однесување.

„Плукајќи ме, навредувајќи ме, па дента посвети емисија на мене, каде што поканија гостин кој што повикуваше на бесилка, да ме бесат. И во ред. Јас ќе го истрпам тоа“, вели Мицкоски.

На прашањето дали ги пријавил овие навреди и говор на омраза, Мицкоски рече:

„Кога и каде да пријавам. Па зарем некој има дилема дали функционираат институциите“?

Мицкоски изјави дека кога се нафатил на оваа работа да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ бил свесен дека ќе биде мета на напад, но не дека ќе бидат мета на напад и неговото семејство и неговите деца.

„Јас кога се нафатив на оваа работа, бев свесен дека можеби нема да имам мирна пензија. Но, што има врска моето семејство и моите деца, праша Мицкоски.

Мицкоски истакна дека поради неказнивост на институциите, денеска се случуваат вакви ликови како Палчо кој се смета за семоќен.

„Затоа денеска ни се случуваат вакви ликови како овој што го споменавме кој што мисли дека е семоќен, кој мисли дека нему тоа право му припаѓа. И потоа за жал деца ги губат своите животи“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.