Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека е потребно да се изработат посебни потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, како што се самци, млади брачни парови, семејства со три или четири члена, како и за пензионери.

dobivaj vesti na viber

Тој нагласи дека трошоците на овие групи не се исти и затоа не треба да се третираат подеднакво.

Мицкоски кажа дека на последната седница на Економско-социјалниот совет била водена дискусија по ова прашање и дека веќе е формирана работна група.

„Мислам дека со Министерството за економија и труд има веќе работна група која комуницира. Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна. Генерално, таква кошница која ќе одговара на потребите на граѓаните треба да излезе. Уште стојам на ставот дека мораме како втора пресметка да направиме пресметка и за потрошувачка кошница за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство и пензионери. Сето ова треба да го имаме на ум зашто потребите на малд брачен пар и на пар пензионери не се исти. Не можеме една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки“, изјави премиерот Мицкоски.

 

За покривање на основните животни потреби, во септември на четиричлено семејство му се потребни 65.077 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија. Споредено со месец август, вредноста на синдикалната минимална кошница е намалена за 430 денари.

Месецов за храна и пијалоци, како што стои во табелата, се потребни 23.394 денари, односно 670 денари помалку од август, кога требало да се потрошат 24.064 денари.

Според пресметките на синдикатите, доколку семејството живее под кирија, во изнајмен стан од 60 квадрати, месецов ќе му требаат најмалку 80.452 денари.