Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за него претставува голема чест и задоволство што може да биде заедно со медицинскиот персонал, професорите, академиците и сите оние кои, како што рече, имаат огромна заслуга за постигнувањата што денеска беа презентирани на Универзитетската клиника за кардиологија и кардиохирургија.
„Тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана на пример. Треба да сме среќни и треба да поздравуваме ваков тип на проекти, затоа што пациентите тоа што можат да го добијат во Македонија не можат да го добијат да речеме пациентите во Белград, Загреб и Љубљана.
Она кое што исто така ни го демонстрираа луѓето е фактот дека сега додека се вршат кардиолошките процедури можат истовремено да се вршат и кардиохируршките процедури.
Зашто го кажувам ова? Не го кажувам наивно, го кажувам затоа што како Влада планираме процесот на интегрирање на клинички центар да го започнеме со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар“.
Тој процес како што кажа Мицкоски е веќе започнат и е во фаза на подготовка, но веднаш по изборите најави поробусно и поинтензивно продолжување на истиот.
Најави дека како Влада ќе ги подржуваат сите такви напори на клиниките, на болниците во Македонија, а поддршката ја добиваат и од министерот и од директорот на фондот.
„Очекувам со вакви убави вести да се јавиме и од проектите кои што се во тек, да ја информираме македонската јавност, а веднаш после завршувањето на изборите ќе имаме малку поробусна акција и поголем фокус на здравството кој што ќе биде прв приоритет“.