Од вчера е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема. И нема ниту да има. Нема потклекнување кога е во прашање достоинството и честа на народот и Македонија, кажа денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-„Мицкоски прифати уставни измени“ беше со месеци лажната фраза на Ковачевски и власта, но и тезата на оној дел на политичките партии мотивирани од власта да бидат опозиција на опозицијата глумејќи загрижени патриоти и упорно со месеци велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти за уставните измени, рече Мицкоски.

Според него, вчерашниот ден бил јасен показател дека имаме, како што рече, „лош договор со Бугарија еднострано прифатен од власта“.

-Од власта на СДС и ДУИ употребија многу лаги, многу манипулации и подметнувања да помине нешто што еве искрено ви велам кај оваа генерација од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту теоретска шанса да помине, диктат на штета на мојот народ и било што во насока на одрекување на мојот, нашиот заеднички вековен идентитет, посочи Мицкоски, додавајќи дека земјава е во тешка економска состојба и во политичка криза.

Според него, лажно е тврдењето на власта и нивното упростување на работите дека од прифаќањето  уставни измени под бугарски диктат ќе зависело дали ќе сме биле за ЕУ или против ЕУ.

-Ова воопшто не е таков избор, затоа што мнозинството на народот и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено сме за влез на Македонија во Европската Унија, затоа што тоа е нашиот единствен пат. Но не по цена на себеодрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања. Не за влегување во повторната игра на стапот и морковот, без било какви гаранции за влез во ЕУ, од кој што земјава ќе го види само стапот, односно уште една блокада. На крајот сите ние веруваме во Копенхашките критериуми, кои сигурно не се прифаќање на едно лудило од барања на соседната држава, со јасна тенденција да го избрише постоењето и историјата на друга држава. Соседна држава да направи упад во историјата, колективното чувство на друга држава и сето тоа да стане критериум за интеграција на државата во ЕУ. И сето ова го овозможија оваа власт и овие политичари, нагласи Мицкоски.

Според него, не е точно дека е поразен концептот за Македонија и ЕУ, како што сака да го престави тоа власта, туку е поразен нивниот концепт на гледање на работите како Македонија може да дојде или воопшто никогаш да не дојде до ЕУ.

-Клучната грешка на власта во процесот на создавање на ова решение кое гледаме како заврши, е тоа што целосно ја исклучи опозицијата. Седеа, договараа, прифатија се што другата страна сака, и излегоа во јавност и сега велат ајде прифатете. Не може да бараат консензус за нешто во кое што не сме биле вклучени во неговото креирање. Впрочем ќе ве потсетам дури и при една таква игра тие ги отфрлија сите предлози на ВМРО-ДПМНЕ кои беа во насока на разоружување на диктатот кој тие го прифатија и обезбедување на гаранции за Македонија, обезбедување на она што е поважно, извесна иднина. Ние дававме предлози во текот на целиот овој период и тие сите ги отфрлија со приказна дека ќе обезбедиле и без нас мнозинство кое видовме вчера како заврши, вели тој.

Мицкоски оцени дека целиот овој процес го делегимитирал премиерот Ковачевски и целата Влада.

-Не е точно она тврдење на Ковачевски дека ќе ги земел бугарските пасоши кои некои од нашите сограѓани ги земаат. Различно е гледањето на работите. Бугарија тоа го преставува како постоење на нивно малцинство во Македонија, но реалноста е што тие земаат пасоши поради таквите како Ковачевски кои 30 години ја крадат Македонија без да обезбедат иднина, рече Мицкоски.

Повтори дека државава е во голема криза, и оти единствено решение се избори.

– Проблемот постои и да мора се најде излез. Или она што поединци најчесто го поставуваат како прашање а што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ. Единственото решение, единствениот разумен излез се изборите. Избори на кои народот ќе одлучи врз основа, внимавајте врз основа на конкретни решенија кои ќе ги понудат партиите како понатаму. Нашите црвени линии и нашата борба за гаранции во однос на прашањето со Бугарија се јасни. Ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори. Македонија да застане на нозе и да се избориме за иднина, за подобар живот за победа на оваа и генерациите на кои тоа им должиме, кажа Мицкоски на прес-конференција.