Градежни работи на Коридорот 8 се уште нема затоа што нема проект, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Нема уште долго време да видиме градежни активности на терен затоа што, вие и од владата го слушнавте тоа што ние го зборуваме цело време, а тоа е дека не се подготвени и немаат проекти, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став откако вчера наместо градежни активности на Коридорот 8, Министерството за транспорт и врски пушти само соопштение.
Мицкоски објави и нов момент од Договорот на Владата со Бехтел и Енка, наведувајќи дека Владата бара измени на законот за градење, односно да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење, т.е. без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот за градење. Тој ја повика Владата да го демантира ако тоа не е точно, укажувајќи дека, како што вели, досега не биле демантирани за се што изнеле во јавноста за изградбата на коридорите.
-Го суспендираат македонското законодавство, го прифаќаат англосаксонскиот модел. Еве сега велам измените кои се доставени во Парламентот бараат да го отпочнат овој проект без одобрение за градба, додека вие и ние сите за да почнеме нешто да градиме треба да извадиме одобрение за градба. Значи таму имаме граѓани од прв ред, граѓани од втор ред, празни места па сите ние. Ете така од прилика функционира оваа Влада на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ, изјави Мицкоски.
На новинарско прашање тој потврди дека од денеска почнуваат да течат роковите од Договорот и дека со тоа државата, вели, ќе плаќа пенали.
-Да, денеска поминуваат 45 дена од денот на потпишување. Законот за работни односи не е сменет, работната недела е 40 работни часа, не е 60 како тоа е предвидено во договорот и од денес започнуваат пеналите, таа еднократно ќе треба да плати 53 милиони евра на Бехтел и Енка, а потоа секој месец ќе треба да платите по повеќе од 2 милиони евра за секој ден, секој месец што се доцни, рече Мицкоски.
На новинарско прашање поврзано со Клиничкиот Центар, Мицкоски рече дека Владата не само што не изгради Клинички центар, туку и ќе плати 20 милиони евра како пенали за раскинат договор на италијанската компанија, затоа што вели, „имаа хир“ и мислеа дека ќе градат на друго место.