Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.

„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.

Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.

Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.

„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.

Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.