„Се додека не покажете карактер и вредности во кои што верувате, нема да ве ценат. Ја знаете онаа приказната со полжавот, ако мислете дека со лигавење ќе стигнете до врвот се лажете, барем јас така не мислам. Јас сум застапник на тезата подобро тешко, отколку срамно. И тоа се принципите и вредностите во кои што верувам“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Претседателот Христијан Мицкоски вели дека членството на Македонија во ЕУ не зависи од ниту една резолуција, туку од билатералните односи, кои што за жал како што рече тоа го дозволи Европската унија.

Нашата близина и далечината со ЕУ не зависи од тоа дали ние сме ко-спонзори на оваа или онаа резолуција, туку зависи исклучиво од билатерални прашања, кои што за жал истата таа ЕУ дозволи да се случат. Дали јас грешам не знам, дали ќе успеам во ова не знам, јас сум го добил легитимитетот од граѓаните пред 9 месеци, пола милион луѓе излегле и гласале, рече Мицкоски.

Јас немам намера да бакнувам пенкала, да се смешкам додека ме навредуваат, понижуваат и омаловажуваат, тоа што го мислам и моите аргументи што ги имам, не велам дека се најисправните и најточните, но јас сум ја добил довербата на граѓаните да ги презентирам тие аргументи кои што ги бранат интересите на оваа држава, на сите граѓани, нагласи Мицкоски.

На прашањата доколку Вашингтон рече тоа е тоа, дека треба да се гласаат уставните измени, Мицкоски нагласи:

Нема да ги гласам, тоа нема да се случи. Нема да ги гласам се додека Бугарија исто така не ги заврши своите обврски кои што ги има преземено, а тоа е да ги почитува правата на сите малцинства.