Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Владата имаше средба со претставници од бизнис заедницата и Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи.
На средбата премиерот Мицкоски информираше дека приоритет на Владата е економската стабилизација на земјата, односно како што рече тој да донесеме што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
„Прво би сакал да ве информирам дека во текот на изминатите четири квартали, дојдовме до раст на нашиот домашен производ од нас 3%. Оваа Влада беше избрана пред околу 15 месеци и од самиот почеток нашиот најголем приоритет е економската стабилизација на земјата. Би сакале да се претставиме како Влада којашто е ориентирана кон бизнисот, којашто сака да ги поддржува деловните и бизнис можностите. Да донесе што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
Доколку го анализираме европскиот пазар, додаде тој, тогаш може да заклучиме дека имаме неверојатно достигнување, затоа што, како што кажа, европскиот пазар се соочува со огромни предизвици, особено кога станува збор за автомобилската индустрија.
Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи на средбата истакна:
„Растечката соработка меѓу Дубаи и Северна Македонија ја одразува нашата заедничка амбиција да изградиме отпорни економии и да поттикнеме одржлив развој. Трговијата меѓу нашите пазари достигна вкупно 495 милиони американски долари во текот на изминатите пет години, нагласувајќи го долгорочниот тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Овој моментум се одразува и во растечкото присуство на македонските компании во Дубаи во различни сектори.“
Тој додаде дека Стопанската комора на Дубаи останува посветена на зајакнување на врските меѓу нашите деловни заедници и промовирање на инвестициски текови што ги унапредуваат нашите заеднички приоритети.
„Гледаме значаен потенцијал во ова партнерство и сме решени да осигуриме дека ќе донесе опипливи резултати преку проширена трговија и подлабока соработка за обликување на долгорочен просперитет на двата пазара“, рече Мохамед Али Рашед Лута.