Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска остварил средба со амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, на која се разговарало за актуелната економска и политичка состојба, како и за реформите кои земјава треба да ги спроведе, а кои се важни за нејзиниот пат кон ЕУ.

Како што соопштија од ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски на средбата истакнал дека македонската економија од ден во ден тоне, граѓаните стануваат се посиромашни, а власта не е способна да им помогне на граѓаните и бизнисот за време на кризата.

На средбата, Мицкоски потенцирал дека власта ниту има капацитет, а ниту има желба да ги спроведе реформите, наместо тоа, стои во соопштението, сведоци сме на секојдневни криминални афери, високо ниво на корупција и заробено правосудство за што потврда доаѓа од релевантни меѓународни институции, но и од земји стратешки партнери на Македонија.

– Мицкоски истакна дека Македонија премногу стои во место, власта ја доведе земјава во безизлезна состојба и затоа се потребни итни чекори и решенија, а за тоа да се случи неопходни се предвремени парламентарни избори. На средбата беше потенцирана соработката, поддршката и заложбите кои Европската Унија и ги пружа на Македонија и беше посочено дека тоа мора да продолжи и понатаму со зголемен интензитет, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.