По одржувањето на редовниот партиски конгрес на крајот на годинава, или најдоцна на почетокот на 2026 година, ќе следува голема промена во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 20-тата годишна Конференција на Унијата на жени на партијата.

„Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам“, истакна Мицкоски во своето обраќање.

Тој порача дека уште сега ја испраќа пораката дека „образот и честа“ се најважни за секој човек и додаде дека ќе даде сè за тие да останат најчистиот дел од политичката работа.

„Тоа сите заедно му го должиме на народот“, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на претстојните локални избори, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ интензивно се подготвува и дека објавата на кандидатите за градоначалници ќе се одвива во два циклуса, од кои првиот ќе почне до крајот на месецов.

„Чест и обврска ми е да соопштам дека нашите кандидати, во речиси сите општини, водат најмалку три до четири пати повеќе споредено со кандидатите од опозицијата. А ако продолжат вака, опозицијата можеби нема да освои ниту една општина“, изјави Мицкоски.

Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до членовите на Унијата на жени, нарекувајќи ја организацијата „дел од срцето на партијата“ и „заштитник на женските права“.

„Работиме посветено и одговорно, свесни за обврската која сме ја презеле. Оваа наша борба не е само на една генерација, туку залог за идните. Ќе ги вратиме вистинските вредности во политиката – почитување на законите, работа, чесност, принципиелност“, изјави премиерот.