Имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме од господинот Филипче, вели премиерот Христијан Мицкоски, по прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека нема да има лидерска со криминалци. Според Мицкоски, пораките од опозицијата се збунувачки, затоа што прво тие барале лидерска средба, а сега ја одбиваат.

„Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин ќе можеме како политички чинители да се обединиме. Тема на лидерската средба не беше само законот за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозиција, тогаш нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можеме со 61 глас да го смениме закнот за влада и да ја избришеме техничката влада Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството, јавното обвинителство и други области преку еден инклузивен процес.

„Но, ете, за жал, имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме на прес – конференцијата на господинот Филипче. Однесувањето на Филипче, очигледно, на ваков тип обраќање на јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ, договор да се служи со навреди“, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека, сепак, ќе испратат формални покани за средбата која била планирана за 14 јануари.

„Но, тоа е негов избор. Ние, сепак, формално денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба. Планирано беше на 14 јануари во Клубот на пратениците да се одржи таа лидерска средба. Пораките се збунувачки, тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата“, рече Мицкоски.

Текстот Мицкоски му одговори на Филипче: Имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција е превземен од МАКФАКС.