Мицкоски во својата изјава порача дека политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво.
„Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики“, изјави Мицкоски, во вчерашното обраќање на настанот по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Истакна дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови, туку како граѓани со свои судбини и убедувања.
„Ниту еден од нас нема гласови в џеб. Поддршката се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Касами рече дека по испаѓањето на кандидатот на ВЛЕН во првиот круг во Кичево, природно е албанските гласови да одат кон ДУИ, претставувајќи го тоа како национално мобилизирање, а не коалициско.
Касами како кандидат на ВЛЕН за градоначалник во Тетово, првиот круг го заврши со водство пред кандидатот на ДУИ, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ кои немаа свој претставник поради договор меѓу владините партнери. Касами сега повика и на обединување на албанските гласачи и во Брвеница и Долнени, каде во вториот изборен круг на 2 ноември ќе се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со што се обидува да ги придобие и подржувачите на интегративците.
Покрај Тетово, претходно, во првиот изборен круг, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа и кандидатите на ВЛЕН во Чаир, Сарај и Струга, каде дел од трките продолжуваат во втор круг. Мицкоски и синоќа од скопската населба Аеродром потсети дека таа поддршка била дел од заедничките стратешки цели и оти очекува почит за жртвата што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја дала за своите коалициски партнери.
„Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме“, изјави Мицкоски.























