Нема никаков основ за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, смета премиерот Христијан Мицкоски. Во одговорот на новинарското прашање за утрешната интерпелација на Гаши, Мицкоски е децедиден дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи таква интерпелација.

– Апсолутно, нашиот став е јасен како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека  имаат голем број аргументи, зошто  не ја поддржуваат интерпелацијата за претседателот на Собранието, Гаши.

– Затоа што разликата на водењето на Македонија меѓу оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна, односно тоа веќе и се чувствува и насекаде можете низ Македонија да забележите дека надежта кај граѓаните е дека конечно ќе успееме, дека доста се порази и дека конечно ќе почнеме да победуваме, изјави Мицкоски, кој присуствуваше на првиот училишен ден во ООУ „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба.

Во однос на иницијативата пред Уставен суд за Законот за јазици, Мицкоски вели дека треба да се почека одлуката на највисокиот суд во земјава, по што ќе донесе заклучок.

-Уставниот суд е највисока судска истанца во државата и не можам да поверувам дека постојат граѓани во Македонија или политички чинители коишто за себе се сметаат за одговорни, а да не почитуваат одлуки на Уставниот суд. Така што, еве, да ја оставиме политиката настрана, да видиме што одлука ќе донесе Уставниот суд и нормално е дека сите ние како граѓани…, ова не е анархија. Ова не е анархија. Ние не можеме да се однесуваме дека сме во анархија. Се знае дека треба…, колку тоа и да не ни се допаѓа, не секогаш во животот нас работите ни се допаѓат или не ни се допаѓат треба да ја почекаме одлуката и тогаш ќе донесеме заклучоци, изјави Мицкоски по посетата на ООУ „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда.