Денеска на Клиниката за пластична хирургија во посета на повредените пациенти од пожарот во Кочани беа министерот за здравство, Арбен Таравари заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претставници на кризниот штаб.
„Денеска ги посетив повредените од трагичниот пожар во Кочани и присуствував на состанокот на кризниот штаб на Министерството за здравство. Им изразувам огромна благодарност на здравствените работници за нивната пожртвуваност, на соседните земји за поддршката и на сите кои помогнаа во овие тешки моменти. Борбата продолжува, а се прават натчовечки напори сите пациенти да закрепнат и да се вратат дома во добра здравствена состојба“, рече Мицкоски.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека зравствениот систем е целосно мобилизиран со сите расположливи ресурси и капацитети во третманот и грижата за повредените лица од трагичниот настан.
Се додава дека состојбата на сите пациенти се следи континуирано и се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошниот третман.