Владимир Перев
1. Лажливи предлози
Никој не знае точно каде и од кого се роди идејата за некакви “разговори“ во Хаг, меѓу највисоките претставници на Македонија и Бугарија. Почетокот би бил некаде околу недефинираната учтива изјава на Каја Калас околу можностите за деблокада на преговорите МКД-БГ, за некој тоа овде да си го “врзе во крпче“. Потоа, наводно се кажа дека тоа е идеја на претседателот на ЕС Антонио Кошта, ама трагите водат подалеку и подлабоко, низ македонските политички и манипулативни пространства. Тоа е само почетокот. Како да било договорено дека ќе “разговараат“ македонската претседателка Силјановска Давкова и бугарскиот претседател Радев, ама таа комбинација пропадна. Мицкоски, некако изненаден, објави дека на состанокот на НАТО во Хаг ќе оди бугарскиот премиер Желјасков, па разговорот може да се води и на релацијата Силјановска Давкова – Желјасков. Сето тоа е гарнирано со “ножеви во белите дробови“, да се разјасни состојбата околу “лагите и манипулации дека нашата нација е формирана од Коминтерната, и конечно, Силјановска Давкова да им каже “на бугарите“ дека “овде веќе нема квислинзи“. Конечно, дали некој сака нас да не претстави како кооперативни и добронамерни, а бугарската страна како “некооперативна“?!
2. “Квислинзите“ меѓу нас!
Големи се проблемите на ДПМНЕ и на Мицкоски. Да ја носиш додавката на една славна и неспорно бугарска организација и да не можеш да ја помрднеш државата од “мртва точка“ за нејзино меѓународно организационо прифаќање е вистинска катастрофа. Неговиот претходник-премиерот Груевски ќе остане запаметен по огромната корупција, насилието врз медиите, понижувачкаата антиквизација и проелинизам, за конечно да биде препознаен како емигрант во Будимпешта, во прегратките на Орбан…оној Орбан, најголемиот антиевропеец и автократ, и нашиот Грујоски, одамна заборавениот емигрант. Темата со квислинзите е омилена соцреалистичка лексика од времето на Колишевски, сега обилно употребувана од ДПМНЕ. Да, сакаат да ја прикажат власта на Заев, како власт на квислинзи и продажници на националните интереси. Не знам што мислат со тоа, но едно е јасно: за сите нив Заев, оној Заев од “продавау сум пиперку на пазару у Младенувцу“ или така некако, е национален херој и станува веќе историска личност. Тој и никој друг, заедно со Бујар Османи ја воведоа Македонија во НАТО пактот и ја спасија од нови поделби …тоа, само тоа ќе остане во нашата нова, модерна историја. Заев е последниот чин на македонската слаба, недефинирана и вечно пројугословенска социјалдемократија, на која тој и даде меѓународен рејтинг и признание. Интересно, и Заев и Мицковски почнаа кај своите таковци; Заев на “пазару на Младеновцу“ а Мицкоски на асистентското место…ќе им го видиме крајот, сеуште е рано да се каже последниот збор. Наследникот на Заев, Филипче, кој исто така почнува преку “семејната професија“, леко се отколонува на страната на ДПМНЕ, за конечно да стане трагичен привезок на една бесцелна националистичка политика.
3. Решени проблеми
Како некој воопшто може да очекува дека бугарскиот премиер Желјасков ќе седна да разговара со официјално лице од Македонија, па макар тоа да е и претседателката Силјановска Давкова, во ситуација кога сите нешта се решени и договорени, кога за сѐ има потпишани документи и став на ЕС. Напорите на референтот Вајц само укажуваат на тоа дека глупоста и коруптивноста се распеделени правилно, насекаде во ЕС, исто како и кај нас, ама тоа не може да биде оправдание за нашите надежи. Никој нормален не верува дека бугарскиот премиер ќе прифати таква основа за “разговори“. Тука некаде стигнуваме и до Коминтерната.
4. “Мојот“ Тито, Силјановска и Желјасков
Замислете ситуација кога Силјановска Давкова ќе му каже на Желјасков дека ние сме нација со “многувековен идентитет и јазик“, а некој како мене, образован во југословенкиот систем, ќе каже јавно, како што тоа сега ЈАС го правам, дека “Тито ни ја даде нацијата и јазикот“…тоа јас сум го учел и тоа е дел од мејнстримот на мојата генерација. Каде е тука Желјасков?
Изненада, ама најжесток е проблемот со “квислинзите“. Вчера судот во Битола му изрече едногодишна казна затвор условно, за рок од две години на Љупчо Георгиевски, од клубот “Ванчо Михајлов“ во Битола. Тоа е судско безобразие и насилие, и за тоа е прав Мицкоски кога бара нивно преструктуирање. Казната е изречена за напишано на соцјалните мрежи и дадено лично мислење за Ванчо Михајлов, последниот вистински лидер на ВМРО, чиј наследник, сосема (не)заслужено е Мицкоски. Целиот свој живот Михајлов го мина под заштитата на Европа, истата онаа кон која ние стремиме, а него оваа наша власт, постјугословенска и националистичка, сака да го прикаже како фашист и расист…каде е тука логиката за разговор.
5. Јасни позиции…
Заев прв разбра (ќе разбере и Филипче), а и Мицкоски треба да знае дека во разговорите меѓу било кој македонски раководител и било кој раководител од бугарската страна има и трет фактор – тоа се македонските бугари, нивното мислење и нивната позиција. Македонскта политика треба да ги заборави благопријатните времиња кога ние, македонските бугари бевме продавани како “стока за рака сребреници“ за да се сочува мирот и идејноста во Источниот лагер. Тоа време помина, Бугарија и бугарската политика и нација, разбраа дека се работи за многу по високи национални интереси. Тоа е кажано и во позициите на бугарскиот Парламент. Следствено на тоа, премиерот Желјасков (…и било кој друг!) НЕМА МАНДАТ да преговара и разговара за ништо вон рамките на Договорот за добрососедство, Двата меѓувладини протоколи и јасните позиции на бугарскиот парламент.
Да не се заборави, тука сме и ние 120 илјади “sons of a bitches“ чие мислење треба да се чуе, макар некои од нас се и недостојни за државјанстото на таа земја, мечтата на нашите предци!