Ова е срамен чин на демократијата. Јасна е интенцијата на власта, се ближи крајот и не одбираат средства за да се заштитат од криминалот што го правеа досега, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со измените на Кривичниот законик што беа донесени вечерва во Собранието.
Во вечерашното гостување на Канал 5 Телевизија, непосредно пред изгласувањето на измените, на прашањето како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат против ова, тој одговори дека единствен начин да се побара одговорност е само на избори.
– Нити амандмани завршуваат работа, нити постои начин да се сопре оваа работа. Затоа што е злоупотребено европското знаменце. Единствен начин да се побара одговорност е само на избори. Кога ќе дојдат изборите граѓаните да излезат масовно да го поддржат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи, рече Мицкоски.
Во врска со шпекулациите дека овие измени претставуваат премолчен договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тој нагласи дека тоа делува несериозно и смешно.
– Доколку било договор зошто има потреба од европско знаменце. Тоа го отфрлам како голема лага, не постои никаков договор, ниту пак имам намера да правам какви било договори, рече тој.
На прашањето дали може овие измени да се направат во некаква корелација со обидот за уставни измени, одговори дека не постои такво нешто.
– Станува збор за обид на СДСМ и ДУИ на тивок начин да ги амнестираат своите функционери од криминалот што го правеа изминатите шест години, рече Мицкоски.
Прашан како ги коментира шпекулациите дека на евроинтегративниот пат на Македонија, Христијан Мицкоски ќе стави вето, тој рече дека се смешни и ступидни.
Во врска со прашањето за средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Мицкоски наведе дека тоа било средба од затворен карактер на која размениле аргументи во име на добрите партнерски односи.
– Можам да заклучам дека за многу работи од страна на Владата господинот Ескобар не бил правилно информиран, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Сето она што е погрешено од актуелната влада, дополни, „уште од сега даваме напор да го коригираме, а потоа како идна влада да го донесеме овој процес на вистински шини“.
Во однос на тоа што ќе им понудат на граѓаните како идна влада, тој одговори дека имаат исклучително квалитетна програма која ќе понуди решение за многу системски проблеми.
– Програма која што ќе понуди решенија за многу системски проблеми, затоа што еден проблем се уставните измени, а истовремено ако правилно се цитираат анкетите тогаш ќе видите дека македонските граѓани имаат најмалку 10 други приоритети пред уставните измени. Тоа е она суштински за кое што ВМРО-ДПМНЕ во овој момент се занимава, потенцираше Мицкоски.
На прашањето дали очекува конкретна пресуда за онкологија, тој рече дека монструозно и мафијашко е однесувањето на власта во овој случај, а правда, како што дополни, по смена на власта ќе има и за случаите „Беса Транс“ и за пожарот во модуларната болница во Тетово.
– Што и да се случува знам дека за неколку месеци од денеска владата на ВМРО-ДПМНЕ има намера многу посериозно да се занимава не само со ова што се случува монструозно, мафијашко однесување во онкологија, туку да се занимава и со овие предмети и со „Беса Транс“ и со Ласкарци и со модуларната болница и со сѐ она кое што изминативе шест години се забошоти, се заборави или некако остана на маргините, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со коментарот на вицепремиерот Артан Груби дека измените на КЗ се ексклузивно барање на ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори дека Груби и претходно кажувал работи за него и неговата партија, но, како што рече „речиси ништо од тоа не е точно“