Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали Владата ќе ја поддржи науката и дали има план за тоа, појасни дека за Владата, науката е многу важна и е еден од столбовите на државноста, затоа за оваа година споредено со 2024 година за двојно е зголемен Буџетот за науката, и проектите коишто се дел од науката.
„Да, да, науката ни е многу важна. Покрај физичкото образование, се разбира дека и науката е еден од столбовите на државноста и многу значаен сегмент, бидејќи без силна наука нема иднина. Јас доаѓам од науката, од високообразовна институција, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Можам со задоволство да кажам дека оваа година, споредено од 2024 година, речиси двојно е зголемен буџетот за науката и за проектите коишто се дел од науката.
Ако минатата година тоа беше нешто над 5,5 милиони евра, некаде околу 340 милиони денари, сега е некаде околу 660–670 милиони, 680 милиони денари. Ценам дека можеби и тоа е недоволно, се разбира, но е многу повеќе од тоа што беше. Периодот којшто следи, дополнително ќе се фокусираме на финансирање на науката. Јас ги повикувам сите високообразовни институции, приватниот сектор, Академијата на науките и сите останати да се вклучат и да поднесат свои проекти коишто ќе бидат иновативни, научни, со коишто ќе успееме да покажеме – дека и ние сме, во научна смисла, рамо до рамо со развиениот свет“, рече премиерот.
Целта на Владата е во овој мандат, велат од Владата, универзитетите да бидат на едно повисоко ниво, барем во првите илјада на следното рангирање на Шангајската листа.
„Од тие проекти, научни и апликативни, очекувам да има многу научни трудови коишто ќе бидат публикувани во научни списанија со фактор на влијание. А со самото тоа и универзитетите ќе бидат на едно повисоко ниво на следното рангирање на Шангајската листа. Знаете, наша цел е да бидеме, во овој мандат, барем во првите илјада. Но тоа не зависи само од Владата, тоа зависи, се разбира, и од универзитетите. Работиме на многу честа основа и со Министерството за образование и со универзитетите, и се надевам дека оваа цел ќе биде исполнета“, потенцираше Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Двојно е зголемен буџетот за науката, околу 680 милиони денари за научни трудови е превземен од МАКФАКС.