„Тоа што СДСМ го брани Коцевски и ДУИ е главна причина и услов за да ние работиме спротивно од тоа“, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира обвинувањата на СДСМ дека се врши партизација на судските органи.
Премиерот Мицкоски посочи дека правосудните органи под палка на СДСМ и ДУИ се октруирани и партизирани и имаат доверба од 2 проценти.
„Тоа значи дека имаме октруиран, партизиран целосен систем кој што има за цел да биде последниот браник, последниот штит на Владата која што пред повеќе од 8 месеци замина во историјата на македонската политичка сцена, а тоа е Владата на СДСМ и ДУИ, иако тие заедно со Левица функционираат исклучително одлично и ефикасно во опозиција и мислам дека уште долго време така ќе продолжат да функционираат како коалицијата“, истакна тој и додаде:
„Со самото тоа што тие велат дека не треба да се промени Коцевски, ние мора спротивно да работиме, да направиме се што е во наша моќ да го промениме, бидејќи знаеме што мислат граѓаните за правосудниот систем под палката на оваа коалиција СДСМ и ДУИ во минатото, довербата е 2 до 3 проценти.“
Премиерот Мицкоски порача дека треба да се избере јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на криминалот и корупцијата на СДСМ и ДУИ.
„Така што јас очекувам овој процес брзо и ефикасно да заврши, да биде избран обвинител кој што ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на СДСМ и ДУИ“, дециден е Мицкоски.