Во политиката понекогаш ќе слушнете како некој ќе рече дека „бројките не значат многу доколку не се почувствуваат“. Денес сакам да ве уверам дека бројките што ги објавуваме не се само статистика, тие се огледало на промената што веќе се чувствува, истакна премиерот Христијан Мицкоски според кој по објавените прелиминарните податоци на ДЗС со 3,4 проценти раст на БДП во првиот квартал, Македонија се рангира во петте најбрзо растечки економии во Европа.
„Реалниот раст на Бруто домашниот производ откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2% тоа е бројката којашто ја објавува „Евростат“. Со тоа, практично на досега објавените параметри коишто ги објавил „Евростат“, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат“, вели Мицкоски.
Нагласи дека го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација.
„Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција. Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати“.
Како што најави, доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мораме да го одржуваме просекот којшто, како што појасни ќе биде поголем од 4%.
„Целта беше да ги решиме дупките во продуктивноста и вработувањето, но, она што е важно дека покажавме дека државата конечно функционира“.
Мицкоски кажа дека пред нас има уште многу предизвици.
„Имаме систем што беше поткопуван со години. Имаме институции кои мора да се вратат на граѓаните.
Имаме генерации млади луѓе што чекаат шанса. Ветивме: Македонија ќе ја направиме земја на можности. И овој резултат покажува дека почнавме да го исполнуваме ветувањето. Оваа Влада нема да отстапи пред притисоци“, порача Мицкоски.