Премиерот Христијан Мицкоски ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да постапи за градилиштето во Чаир за кое тврди дека е без градежна дозвола.

„Таа има ингеренции. Ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде“, кусо рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Желино, каде што заврши изградбата на патот Палатица – Тетово.

Вчера, градоначалничката на Скопје, Арсовска, преку пренос во живо на социјалните мрежи ги повикуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да излезат на терен и да постапат оти градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дозволил на државно земјиште во Чаир да никне дивоградба.