На денешната седница во Собранието присуствуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој се обрати до пратениците од СДС кои ја напуштија седницата со што потенцираше дека бараат начин да избегаат од дебата тврдејќи дека токму тие се директни и единствени виновници за катастрофалните состојби во судството поради сите пропусти коишто ги направиле.
Пратеникот објасни дека членовите на Судскиот совет во времето на владеење на СДС и ДУИ биле избрани партиски и дека токму поради нив државата и судството се во ваква состојба.
„Овие коишто беа бирани партиски во штабовите во Мала Речица и Бихаќка се токму тие коишто ја водат седум години државата и судството и одлуките коишто се носат таму се такви какви што се токму поради овие луѓе“, рече Мицевски.
Тој посочи дека членовите биле бирани по диктат и наредби на претходниот премиер и дека седум години ги слушале намерите за реформи во судството а како резултат на тоа има само 2% доверба.
„Слушајќи ги седум години намерите за реформи коишто ни ги нудат СДС и ДУИ и да не заборавиме дека еден премиер претходно бараше да биде носител на реформите во судството, истиот тој којшто ќе ја реформираше економијата којшто сакаше да биде во исто време премиер и министер за финансии, истиот тој по чијшто диктат и чијшто наредби беа избрани најголем дел од членовите на Судскиот совет. Идејата беше за разрешување на целиот Судски совет и рестарт на сите, меѓутоа токму од овие коишто ја напуштија салата наидовме на неразбирање и на реторика дека ќе се врши упад во Судскиот совет, затоа оставивме определен временски период да самите сфатат дека 2% довербата е дело во најголем дел на самите нив затоа што кога губи клубот стручниот штаб е прв којшто ја напушта екипата“, објасни Мицевски.