Во Собранието почна Комисијата за надворешни работи на Собранието каде точка на дневен ред е Предлог законот за ратификација на договорот меѓу владата на Обединетото Кралство и Македонија. Овој договор е историски чин за Македонија, затоа што претставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според него, овој договор е основа на едно стратешко поврзување со една од најмоќните политички и економски сили во светот.

„Овој договор, на Македонија ќе и овозможи стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите. Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160км на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит, очекувано е државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра. Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болница во Кичево и Тетово“, рече Мицевски.

Тој рече дека договорот не е класифициран и не се чува во четири ѕида како претходните на владата на СДС и ДУИ.

„Се’ е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните. Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија“, рече Мицевски.

Текстот Мицевски: Договорот со Обединетото кралство во собраниска процедура, истoриски чин за Македонија е превземен од МАКФАКС.