Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, рече претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски на почетокот на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Пендаровски истакна дека Грција е меѓу најсилните поддржувачи на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази надеж дека утре во Словенија, заедно со многу други европски пријатели и Атина ќе го поддржи барањето на сите земји од Западен Балкан, а главно на Северна Македонија.
– Ќе треба конечно да започнат пристапните преговори со Европската Унија нешто што го чекаме многу време, бидејќи ги исполнуваме сите предуслови, истакна претседателот.
На почетокот од средбата, му објасни на Мицотакис дека во тек се напорите за наоѓање решение со Бугарија, но и дека намерата не е да се скрати патот до Унијата, туку да се исполнат сите предуслови и предвидени процедури. Додаде дека веќе 16 и пол години чекаме и „дојден е моментот да започнат преговорите, кои траат со години“.
– Она што го бараме, не е да станеме членки преку ноќ, туку да ни се даде шанса да започнеме преговори, а во продолжение ние и многу наши европски пријатели да ги финализираме сите пристапни делови, поранешни поглавја. Подготвени сме. Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, истакна претседателот Пендаровски.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, изрази задоволство за посетата, но и спомена дека ЕУ перспективата на регионот ќе биде една од темите на утрешниот самит во Словенија.
– Како што знаете, придаваме големо значење во зајакнувањето и продлабочувањето на нашите билатерални односи, но и на промоција на интегративниот процес на Северна Македонија. Тоа е прашање за кое ќе имаме можност да разговараме утре во Словенија, во рамките на Самитот ЕУ- Западен Балкан. Драго ми е што нашата со билатерална соработка оди напред со стабилни чекори во енергетиката, одбраната, поврзаноста и меѓуграничната соработка, рече Мицотакис.
На почетокот на средбата грчкиот премиер изрази сочувство до претседателот Пендаровски за загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека соговорниците разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што е оценето дека официјалната посета на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателот Пендаровски оценил дека постои видно подобрување на односите меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од взаемен интерес и истакнал дека треба да се искористи целиот потенцијал и двете држави да градат вистинско стратешко партнерство.
Од кабинетот на грчкиот премиер, соопштија дека Мицотакис и Пендаровски ја потврдиле динамиката во билатералните односи во сите области од взаемен интерес, а била изразена поддршката на Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан и на Северна Македонија, согласно поставените критериуми.