Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Атинскиот демократски форум“, испрати порака дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Мицотракис, како што рече тоа е „непотребна компликација“, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на дискусијата со Стивен Ерлангер, уредникот на дописништвото од Европа на „Њујорк Тајмс“, грчкиот премиер говореше за низа актуелни теми во Грција, меѓу кои и за интеграцијата на Северна Македонија во Унијата.
– Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека е непотребна компликација, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на Северна Македонија.
Грчкиот премиер се осврна на претстојниот Самит ЕУ- Западен Балкан во Словенија, истакнувајќи дека оттаму треба да се прати јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во Европа.