Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја средбата на Африм Гаши со Зоран Заев порача дека ги знае неговите ставови, бидејќи со првиот човек на Алтернатива имале комуникација на дневна основа. Се надева, како што вели, ќе ја донесе најдобрата одлука за сите граѓани на Македонија, но вели дека ако ставот на Гаши е да има Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, тогаш имаат различни ставови со ВМРО-ДПМНЕ. За потсетување, Алтернатива беше една од партиите чии пратеници, вкупно четири, се потпишаа на иницијативата за рушење на Власта, која не успеа откако Кастриот Реџепи од БЕСА не се појави на седницата за гласање на доверба.

Јас ги знам ставовите на Гаши, бидејќи имаме дневна комуникација за фунцкионирањето на оваа влада. Но, тој е претседател на политичка партија која има своја структура, си има раководство, соработници, претпоставувам дека ќе одлучи најдобро и ќе донесе одлука која што ќе биде најдобра за неговото членство, за граѓаните на Македонија, но и за иднината на Македонија. Доколку тој мисли дека иднината на Македонија е Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, тогаш жалам, но ние имаме различен став по тоа прашање, бидејќи мислиме дека таква Влада предводена од СДСМ, не само што не е иднина, туку е и враќање во минатото, враќање во неуспесите, вели Мицкоски.