„Дали сум оптимист? Јас сум секогаш оптимист, но во случајот со Бугарија некако работите како да одат во една безнадежна ситуација. Кога велам безнадежна ситуација тука пред се мислам на немањето на стратегија од страна на Владата и надлежните кои што ги водат тие преговори. Она што е важно да го знае македонскиот народ е дека што и да се случи во јуни на Европскиот Совет кога ќе се одлучува дали Бугарија ќе го тргне ветото односно ќе се повлече од ветото е дека и најголемото предавство кое што го подготвува оваа Влада нема да кулминира со отпочнување на преговори. А, зошто? Затоа што ќе има услови во таа преговарачка рамка, доколку Владата во Софија се одлучи да се повлече од ветото. А, и еден од тие услови е отворање на Уставот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Карбинци.
Мицкоски додаде дека за отворање на Уставот се потребни 2/3 од пратениците од Парламентот.
„Јас бев прилично јасен и ќе го повторам ставот на ВМРО-ДПМНЕ нема отворање на Уставот додека не добиеме јасна гаранција од страна на бугарскиот Парламент дека ако се отвори и затвори Уставот во Македонија тоа значи дека на тој начин се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија. И дека се додека Македонија не биде дел од ЕУ нема да имаме повеќе дополнителни барања од страна на нашиот источен сосед. Само по тие услови можеме да разговараме“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека доколку тоа го нема на маса, и тој документ го нема изгласано бугарскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да поддржи отворање на Уставот и отворање на Преамбулата.