Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи никакво менување учебниците, а притисокот од страна нека го прават во Бугарија.
„Очекувам целосна дипломатска офанзива од ЕУ врз Бугарија, затоа што ако се фокусираат врз македонските политичари, нема да има успех. Ние нема да го дозволиме тоа во Парламентот и ќе бидеме против каква било нова промена во учебниците. Не може во 21 век, историјата да ни биде пречка за иднината. Не очекувам дека Македонија ќе се раздели од Албанија. Има земји членки што нема да го дозволат тоа. Замислете каков парадокс доживеавме. Ако пред три години, ние критикувавме што бевме ставени во група со Албанија, сега не сакаме да се отпуштиме по ниту една цена. Еве до каде нѐ дотераа. Срам, понижување, буквално распродавање на сето она што со години е градено“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Заев, Димитров и останатите од власта не покажаа зрелост во преговорите. На овие луѓе им се брзаше и ги пренесоа „жедни преку вода“.
„Денеска секој преку грбот на Македонија се обидува да си ги реши своите историски проблеми. Ние сме денес исправени пред невозможна мисија. Историјата да ни е критериум за влез во ЕУ. Ние во 21 век треба да бараме решенија за проблеми од 19 век. Тоа не е нормално. Ама, тоа е сѐ заслуга на овој брзоплет политичар“, истакна Мицкоски.
„Јас би сакал и силно верувам дека ЕУ ќе го додржи зборот и она што беше ветено во минатото. Но, не е тоа суштината. Се сеќавам на лидерската средба што ја имавме пред три години во мај во Клубот на пратениците, кога за првпат беше спомената можноста за уставни промени за Илинденска Македонија. Многу јасно го прашав Заев: Дали си свесен дека со ова ги растураш сите повеќедецениски преговарачки позиции на Македонија? Ама, ми вели, „ќе станеме членка на НАТО и ЕУ“. Не само што не станавме членка, туку не сме ни почнале да преговараме. А, членка на НАТО, доколку беше тоа геостратегиски интерес, ќе станевме и без промена на името“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Мицкоски посочи дека ако Македонија ќе влезеше во НАТО и без промена на името и без понижувањата на Зоран Заев.
„Наративот го градат тие што им се брзаше. А, од таа брзоплетост, гледаме до каде дојдовме. Да биде ме потсмев во Европа. Денеска половина Европа коментира за нас дека сме го смениле името, Уставот, а ништо не сме до биле за возврат. На тие што им се брза, се проблем на оваа држава. Мене не ми се брза, кога се во прашање националните интереси и нивната заштита“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека поради лошите политики на Заев Македонија стана држава на која и се смее цела Европа за жал.
„Јас ниту пред средбата, ниту на средбата, а ниту сега, не барам милост и амнестија, туку правда, исто како што имаше за случајот „Сопот“ или за „Монструм“. Доколку има нови докази, да има ново судење и обвинетите да докажат дека за она што се судени, нема докази. Меѓу обвинетите има полициско лице што е школувано да го брани уставниот поредок од своите средношколски денови, па сѐ до моментот кога е осуден и сега е во затвор. Ова лице кога почна судењето е ставено во куќен притвор. Обвинителството се жали и судот прифаќа притвор, без притоа да му даде можност на бранителот да објасни и да се жали. За овој процес му се нарушени човековите права и постои жалба пред ЕСЧП во Стразбур, која е прифатена, што значи дека има индиции дека му се повредени правата. И најверојатно, пресудата што ќе биде досудена, ќе биде во насока на тоа дека му се нарушени човековите права“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Мицкоски додаде дека истата таа Русковска, во едно друго интервју околу 27-ми април кажа дека се случила амнестија во Парламентот за други лица што беа осомничени, а некои и обвинети, а потоа беа ослободени со политички договор. Сега таа се премислува и вика тие беа ослободени заради повисока цели. Ако мисли за да гласаат за уставни измени, тоа е нешто друго. Таа нема кредибилитет.
„Јас не сум ниту судија, ниту обвинител. Ама, ако обвинителката љуби да биде медиумска ѕвезда и да ги брани своите ставови, кои се неодбранливи, треба да биде свесна дека ќе наиде на реакции во јавноста. Не мора да сум јас, може да бидат социјалните медиуми. Сепак, не може ниту прагот на толеранција на политичарот да биде бесконечен. Таа нема морално право да ме критикува. Се сеќавам ми пишуваше и пораки, ќе ме викнела, ќе ме сослушала. Еве по минаа две години за еден друг случај, ниту ме викна, ниту ме сослуша. Значи брутално ја лажеше македонската јавност и има проблем со моралниот интегритет. Но, таа си знае на што мислам и нема да ја коментирам повеќе“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека моменталната состојба е што поминаа три месеци од второстепената пресуда, а таа не им е дадена на обвинетите да ја обжалат и да побараат вонреден правен лек пред Врховниот суд.