Нека продолжат на сила да го туркаат процесот за Пописот, кажувам дека опозицијата нема да биде конструктивна и влегуваме во политичка криза, па да видиме кој ќе победи. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите, доколку одлучат насилно да продолжат со процесот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.
Прашан за што ќе разговараат на средбата во понеделник со Заев и дали ќе ја прифати понудата за широка коалиција, Мицкоски, рече дека на средбата оди заради тоа што народот очекува нешто да се направи за нивните проблеми, а не цело време меѓусебно да се напаѓаат.
– Не зборувам за широка коалиција, мојот став е експертска влада што треба да ги организира следните локални избори или влада на национално единство и тоа и е потребно на државата, рече Мицкоски.
За можноста да се разговара за предвремени избори заедно со локалните, Мицкоски рече дека ќе се разговара и дека се можни само локални избори, па од резултатите од тоа се можно три сценарија.
Прашан дали може да побара одложување на Пописот на средбата со Зоран Заев во понеделник, Мицкоски рече дека гледајќи ги нивните ставови во јавноста, не се подготвени за разговор и тоа нема да биде тема на средбата.
Нека си тераат попис, порача Мицкоски, па ќе видиме како ќе заврши тоа.