ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да и помогне на оваа Влада, изјави претседателот на партијата Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговиот предлог за формирање работни групи за економија, надворешна политика, здравство и образование со претставници на власта и опозицијата кои би работеле заедно до одржувањето на предвремени избори за решавање на проблемите во општеството.
Тој истакна дека граѓаните на последните локални избори јасно кажале каква иднина сакаат да имаат и која политичка опција ја подржуваат, изразувајќи надеж дека наскоро на предвремени парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе ја потврди поддршката со убедлива победа и мнозинство во Парламентот.
Според Мицкоски, земјава е пред банкрот, се подготвува аранжман со ММФ од 900 милиони евра, затоа што никој „не може да даде по поволни услови еврообврзница или ако даде тоа ќе биде со висока камата“. Според него, имаме катастрофа во здравството од почетокот на пандемијата до денеска, а во образованието просветниот кадар неколку недели штрајкува.
– Тие не се решението, тие се проблемот, а ние сакаме да бидеме решението, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Прашан зошто кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт 12 години не ги покачи платите во образованието, Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ ја платила цената за тоа и веќе петта година е во опозиција.
– Како резултат на сето тоа, денес имаме Влада што дојде таму каде што е со ветување и тие луѓе имаат очекувања, што се темелат на тие ветувања. За жал, од тие ветувања нема ништо. Јас не мислам дали треба да зборувам со проценти повеќе или помалку. Зборувам за поддршка кон образовниот кадар, што треба да ги образува нашите деца кои утре треба да ја градат нашата иднина. Тоа е мојата цел, да можеме да имаме мотивиран наставен и образовен кадар, кој понатаму ќе создаде луѓе кои ќе ја градат Македонија, изјави меѓу другото Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ниту „режимските директори“, како што рече, ниту ДУИ, имаат право „да им се закануваат на луѓето, да вршат тортура или да ги малтретираат учениците“. – Никој го нема тоа право. Ова е демократска држава и правото на штрајк е уставно загарантирано, рече Мицкоски.
Прашан од новинарите дали ќе се извинат за случувањата од 27 април, Мицкоски изјави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за овие настани е познат и кажан многупати во минатото, па не сака да се повторува.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт ќе им ги врати конфискуваните имоти на Сашо Мијалков и Никола Груевски, Мицкоски рече дека тоа е одлука на Судот за замрзнување на имотот и е далеку од конфискација и служи како алатка за обезбедување додека заврши судскиот процес во второстепена постапка, а некогаш и во трет степен.
Според него, таков „политички мотивиран процес“ се води и против ВМРО-ДПМНЕ. – ВМРО-ДПМНЕ е можеби единствената партија во Европа со замрзнат имот поради процес што е вештачки наметнат од страна на поранешното раководство на Зоран Заев и по директна спрега на корумпираните обвинители од СЈО и судиите кои се под раководење на фамилијата Заеви. Веќе четврта година ВМРО-ДПМНЕ има замрзнат имот и е гостин тука, а доскоро имаше и замрзната сметка. Такво ВМРО-ДПМНЕ со замрзнат имот и блокирана сметка го декласираше СДСМ, изјави на прес-конференцијата Христијан Мицкоски.