Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за Дојче Веле изјави дека последниот збор за владеењето на Зоран Заев ќе го има неговата партија. Тој вели дека ако мисли Заев дека купил време со вчерашниот потег за гласање на доверба, се излажал.

-Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, вели Мицкоски.