Мандатарот кој ќе го предложи составот на владата нема кредибилитет да преговара од името на македонскиот народ за неговиот идентитет. Очекувам да се слушне гласот на ВМРО-ДПМНЕ како најголемата политичка партија во земјава, изјави денеска денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

-Очекувам дека какво било решение кое што ќе одлучува за идентитетот на македонскиот народ нема да биде во немилост на нелегитимниот премиер и на авантурист преговарач како Бучковски. Очекувам да се слушне гласот на македонскиот народ, на најголемата политичка партија во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија која што има најголема политичка група во Парламентот од определени гимнастики позната на јавноста е, за жал, во опозиција, со најголем број градоначалници и најголем број советници, политичка партија која што го декласираше владиниот најголем коалиционен партнер, а тоа е СДСМ на претходните локални избори, а како што стојат мерењата на јавното мислење ќе го декласира и на евентуалните предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски на новинарско прашање во изјава за медиумите што очекува од разговорите на бугарскиот премиер Кирил Петков за време на неговата посета на Скопје најавена за 18 јануари.

ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, е политичка партија со најголем број пратеници и го има легитимитетот гласно да зборува посебно кога станува збор за македонскиот национелен идентитет, а своите ставови рече, ќе му ги соопшти и на Петков.

-Гледаме дека од соседна Бугарија на дневна основа се негира македонскиот национален идентитет, дури и тоа се случува во очи на најголемите православни христијански празници, вели Мицкоски

Тој не очекува поместување во однос на македонско-бугарските однсои по најавениот нов пристап од Софија и бара дипломатска акција од европските партнери за земјата да ги почне преговорите со ЕУ..

-Позадината на проблемот е Резолуцијата во бугарскиот Парламент што впрочем го потврди и претседателот Радев. И ги искара министрите во новата Влада на Петков да не попуштаат во барањата. Тоа е доволно јака порака и силна порака. Се додека оваа Резолуција е во функција, се додека оваа Резолуција има сила на закон ние ќе бидеме подложни на уцени од страна на нашиот источен сосед, хегемониски барања од пред неколку векови наместо заедно да градиме иднина и да гледаме неколку векови напред. Жалам што тоа се случува во современа Европа во 21 век и барам од нашите европски партнери жестоко да реагираат и робусна дипломатска акција врз нашиот источен сосед и конечно да му дозволат на народот на Македонија да ги почне долгоочекуваните преговори за полноправно членство во ЕУ , вели Мицкоски.

Запрашан за коментар на изјавата на Слави Трифонов САД да ги симне визите за бугарските државјани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во изминативе денови има различни изјави од, како што вели, комедијантот Трифонов, кои се демантирани од останатите негови коалициони партнери во Владата.

-Немам што да дадам дополнително како коментар на изјавите на комедијантот Трифонов којшто е еден од главните промотори и македономрсци промовирани во јавноста изминатиот период, вели Мицкоски.

На прашањето што очекува од мандатарот и кои се неговите очекувања на политички план во 2022-та, тој посочува дека од човек којшто се нафаќа да биде мандатар, а без притоа да го има легитиметот на народот не очекува ништо друго освен продолжување на политиките на Заевизмот.

Очекува оваа година да има избори и тоа, вели, мора да се случи затоа што треба да се даде можност народот да избере политичка влада онаква каква што народот ја посакува.