Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Тетово рече дека место министерот за здравство Венко Филипче да понесе политичка одговорност поради тоа што 14 луѓе живи изгореа во модуларната болница во Тетово, тој оди по митинзи. Потенцираше дека неодговорната власта зави во црно повеќе од шест илјади семејства во државата.
–Ама тие ќе дојдат тука и ќе ви велат дека се најдоброто за Тетово, за Македонија, а во суштина се најлошото. Зошто? Затоа што не направија ништо, наместо да градат болници, да набавуваат вакцини, тие трчаа по провизии. Овде во Тетово 14 луѓе живи гореа и предвреме го загубија својот живот, бараа спас во модуларната болница, бараа спас да бидат лекувани од ковид-пандемијата, а тие живи изгореа, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека лично тој при посетата во Тетово дал ветување дека одговорните мора да се изнесат пред лицето на правдата. – Кога бев во Тетово ветив и стојам позади тоа, вистината за тој случај мора до крај да биде истражена и виновниците, сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, а јас им ветувам фер и транспарентна судска постапка, мора да се знае кој е виновен и да одговара, не само политички морално туку и кривично, рече Мицкоски.
Власта без нималку срам, како што рече, вели дека се најдоброто за општините за Тетово, за Македонија, а во суштина се најлошото, затоа што завија во црно повеќе од 6.000 семејства, кои загубија свои блиски поради нивната неспособност
– Наместо да креираат протоколи, наместо да реновираат и градат болници, тие трчаа по Европа и светот за провизии од вакцини додека народот им умираше Денеска ќе го видите оној кој е најодговорен за таа состојба, Венко Филипче по празни плоштади и ги занимава тие малкумина кои дошле да му ракоплескаат, рече Мицкоски од Тетово. Додаде дека покрај моралната треба да понесат политичка, а по избори и кривична одговорност.