Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, целосно потфрлање на системот кој нефункционира, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој додава дека власта уште еднаш покажа во пракса дека Македонија не е на сите луѓе. Никој веќе не бара одговори, туку бара одговорност.
-Апелирам, човечки молам, владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот. Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили, вели Мицкоски.
Тој посочи неколку работи:
ПРВО, 4 дена партијата ВМРО-ДПМНЕ е во целосна мобилизација. Сите раководства на општинските комитети ширум државата се на терен, Унијата на млади Сили, Унијата на жени, ветераните и сите останати му помагаат на народот, што со физичка сила, што со хуманитарни акции. ВМРО-ДПМНЕ од ова одлучи да не прави дневен пи-ар, никаков маркетинг, затоа што сакавме и сакаме искрено да помогнеме.
ВТОРО, апелирам да се формира централно кризно тело, а не ова што го има сега државата. Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали.
ТРЕТО, повикувам во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија. Мора јавно да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата.
ЧЕТВРТО и не помалку важно, денес ќе бидам во Пијанец и Малешевијата, колку е тоа потребно толку време и ќе останеме таму.