Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, членот на ИК Драган Ковачки и секретарот за меѓународна соработка Стефан Андоновски, оствари средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за Балканот, Сер Стјуарт Пич.
-На средбата беше разговарано за актуелната политичка ситуација во земјава, а од страна на претседателот Мицкоски беше истакната потребата од предвремени избори кои ќе значат разрешување на кризата во која оваа власт ја втурна државата, беше потенцирано дека поддршката на народот е свртена кон ВМРО-ДПМНЕ, што се виде и по резултатот на локалните избори. Предвремените избори ќе ја отсликаат волјата на народот во парламентот и ќе бидат мотор за промените и закрепнување на државата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат од оваа партија, било разговарано и за преговорите со Бугарија кои ги води владата, при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека власта треба да ја почитува Резолуцијата донесена во собранието, а која значи зачувување на македонските идентитетски обележја и клучните национални интереси.