Понудата на кандидати за градоначалници од СДСМ всушност се стари истрошени кадри, реинкарнација на кадарот од криминалната транзиција, посочи во петокот Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во општина Бутел.

„На овие локални избори и понудата му се стари и истрошени кадри. Секаде клонови кои личат на него. Јас ги нарекувам мали зоранчиња. Повеќето стари градоначалници кои не направија ништо, а онаму каде смени по некој, задолжително тој е син на некој профитер од транзицијата кој совршено се вклопува во квалификацијата зоранчиња“, потенцираше Мицкоски.

„Понудата во Скопје му е реинкарнација на транзициските кадри, реинкарнација на олигархијата. Ако во деведесеттите владееше олигархијата на СДСМ, сега Заев ги става нивните деца да се борат за функции и да заработуваат на потта на работникот. Таму крадењето и пиењето на крвта од народот и заработувањето на туѓата мака станува традиција. Па така во Аеродром е синот од стеблото Филиповци кои управуваа со транзицијата во деведесеттите. Таткото, поранешен пратеник и директор на Аеродромите во Македонија, чичкото поранешен министер за економија-дел од приватизацијата, а другиот чичко еден од директорите на Охис-компанија која знаеме како заврши, рече тој.

„Таткото на градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски еден од директорите на Жито Лукс кој го пропаднаа. Кандидатот за градоначалник на Центар е син на директорот на Државен завод за статистика Дончо Герасимовски кој го намести пописот во 2002-та година. Тој пак на Ѓорче, Александар Наумовски син на Бранко Наумовски народен правобранител во деведесеттите, потоа претседател на Уставниот суд. Кандидатот пак за градоначалник на Кисела Вода син на Зоре Темелковски еден на најбогатите бизнисмени со капитал од деведесеттите и пратеник на СДСМ од тоа време. На овие избори имаме враќање на олигархијата, едно „дежа ву” на истите луѓе и нивните деца кои се богатеа врз грбот на народот за да повторно се богатат. Скопје ќе го правеле Струмица, клановски да се поделат за да има за таа тесна клика“, нагласи Мицкоски од Бутел.