Ова се избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи нашата Македонија. Овие избори точно е дека не се парламентарни, но се многу важен тест, каква порака ќе испратите. Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва во Кавадарци, на митинг на оваа партија и нивните коалициони партнери, пред претстојните локални избори.
-Повеќе од 14.835 проекти од различни области, од различни сфери, за различни потреби на граѓаните. Решенија на реалните потреби, суштинските потреби на граѓаните, најави Мицкоски.
Во проектите, рече, има реконструирање на нови улици, сто градинки, 150 училишта, 150 нови паркови, инвестиции во животната средина, градба и реновирање на објекти од културата, 90 спортски сали за младите, гасификација и многу други проекти.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изборната кампања „Создади нова иднина” ја претстави и во Демир Капија и Неготино. Беа претставени кандидатите за градоначалници и општински советници.
Во своите обраќања пред присутните, Мицкоски се осврна и на, како што рече, лошиот изминат период, најлошото справување со Ковид пандемијата во Европа.
Мицкоски говореше за победа на локалните, нови парламентарни избори и нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за подобри денови. Ја претстави изборната програма и рече дека бројните проекти ги опфаќаат сите сфери на животот. Одлуката на овие избори, рече, е кај народот, затоа што народот одлучува за иднината.
Мицкоски во однос на промената на името на Македонија истакна дека Зоран Заев предавството го објаснува како храбар чин и му порача на Заев дека не е храброст да направи глупост и да се сети зошто никој пред него не го направи тоа.
– Не е храброст да направиш глупост од која ќе страдаат народот и државата, но Заев не ја знае разликата. Со реченицата дека ниеден челник немал храброст да го реши спорот значи дека Заев ги обвини Глигоров, Црвенковски и останатите дека немале храброст да го предадат најскапоценото, македонското достоинство и името. Епа Заев сети се зошто никој не го потпиша тоа што ти го потпишуваше, истакна Мицкоски.
Мицкоски му порача на Заев дека храброст и патриотизам не е предавство туку заеднички патриотизам со кој граѓаните ќе бидат обединети, ќе имаат подобри можности и подобра иднина, и кога граѓаните и државата ќе нижат успеси и победи, а не како сега само понижувања кои ги приредува власта на СДСМ.
– Победа е да направиме спротивно од овие 30 години. Победа е заеднички да рушиме ѕидови. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи. Победа е да се почитуваме дури и тогаш кога сме различни. Победа е да создадеме вредности, да создадеме принципи. Победа е да има одговорност кога треба, и кога можеме да кажеме да направивме сè што можевме. Треба да градиме заеднички патриотизам, модерен, обединувачки. Заедничкиот патриотизам е да ја победиме заедничката мака, да создадеме заедничка иднина. Да се разбираме едни со други. Да покажеме дека политичарите од власта ги немаат гласовите во џеб, туку треба макотрпно да работат и поддршката да ја заслужат, рече Мицкоски. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој. Да носиме добри вести низ регионот, да се радуваме на новите работни места.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ работи на таква иднина која ќе донесе подобро утре, повеќе можности, нова иднина, промени, проекти и победи.
– Програмите на ВМРО-ДПМНЕ содржат вкупно 14 835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Реконструкција на 2000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела кои ги нудиме. Ова е тоа што ги плаши, рече Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 17 октомври да излезат и да дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, за иднина на промени, проекти и победи, иднина за која вреди да се бориме и со која ќе се гордееме.