Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Радовиш ги праша радовишани дали се подготвени да им подарат нови четири години на истите луѓе кои веќе двапати досега, како што рече, ги изневерија сите очекувања со лажни ветувања.
-Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија, изборот е едноставен на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнацијата на државата, експериментите во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, предавствата или ќе создадеме сите заедно една нова, поинаква, различна и подобра иднина, истакна Мицкоски.
Во врска со повисоките цени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека покачените цени на основните производи ги јадат семејните буџети на граѓаните, а половина милион граѓани живеат со 150 денари на ден.
-Покачени се цените на маслото, млекото, брашното, а денеска по кој знае по кој пат се покачи и цената на бензинот, а се најавува и она кое ВМРО-ДПМНЕ го говореше – покачување на цената на струјата, а платите не се доволни за подмирување на основните потреби, рече Мицкоски.
– Нам ни треба да создадеме нова иднина, што се темели на шанси за обичниот човек. Иднина и надеж која ќе донесе промени, проекти и победи. Иднина која ќе стави крај на сите порази и неуспеси во минатите години. Иднина и надеж која ќе ја смени сликата на македонската политика, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред граѓаните на митингот во Радовиш.
Според Мицкоски, власта е исплашена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нуди нови мотивирани и свежи луѓе кои влегуваат во политиката за да дадат, а не да печалат за себе.
– Јас се борам за иднина во која заедно ќе градиме мостови и ќе рушиме ѕидови меѓу народот. Да создадеме иднина која ќе роди нова надеж кај напатениот народ. Иднина и надеж која ќе ги направи општините да му служат на народот. Иднина и надеж која ќе значи почит кај земјоделецот. Иднина и надеж каде работникот ќе биде повисоко на пиедесталот од политичарот. Иднина и надеж каде слабите ќе ја имаат заштитата, а силните нема да злоупотребата силата. Иднина и надеж во која ќе се знае дека народот е вистинскиот газда во Македонија, порача Мицкоски.
Тој рече дека Заев веќе се разделил со многу партнери од коалицијата, Либерално-демократската партија, ДОМ, БЕСА, делумно и со ДУИ.
– Јас би му подарил еден ваков календар, затоа што на него може да изброи веќе 52 месеци, веќе петта година е власт во Македонија, а од овде, во Радовиш, му порачувам дека уште малку му остана апсолутна власт, а време е да си замине, затоа што на нивните митинзи нема да слушнете ниту збор за изминативе 52 месеци, затоа што се што ветија излажаа, рече Мицкоски, кој ги повика граѓаните да излезат на 17 октомври и да го заокружат бројот 7, за нов градоначалник на Радовиш, за листата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“.