Во населбата Иванидол во Кичево, вечерва средба со членовите и симпатизерите оствари лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во придружба на кандидатот за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски.
Мицкоски ги повика граѓаните да излeзат на избори и слободно и независно од било какви притисоци да ја изразат својата волја.
– Како поминува времето до денот на гласање притисоците, пропагандната машинерија на власта, обидите за поткуп на вашиот глас се засилуваат. И тоа го прават не затоа што се моќни, туку затоа што се слаби и знаат дека ќе загубат. Само слаба власт посегнува кон злоупотреба на моќта на државата. И тука сакам да потенцирам неколку работи. Лудилото во кое се наоѓаат пред се поради стравот од пораз кој ќе им се случи е толку големо што тие посегнаа да шират невистини, да подгреваат тензии, да измислуваат работи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кичево.
Обвини дека во повеќе општини и градови локални функционери на власта им се заканувале на вработените во администрацијата, дека доколку дојде во промена на власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги брка од работа.
– Не се плашете затоа што тие кои го велат тоа треба единствено тие да се плашат затоа што јас ги гледав во очи и им велев ќе одговарате за сите криминали. Луѓето кои работат за плата не смеат да бидат мета на политички прогон, ниту пак ми паѓа на памет да правам некаква одмазда кон недолжни граѓани. Треба и конечно да заврши времето кога луѓето кои се недолжни ќе треперат за тоа дали ќе се промени власта затоа што може да останат без работа, рече Мицкоски.