Пред земјите од Западен Балкан претстојат сериозни предизвици, но мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ направи погрешна проценка со иницијативата за гласање недоверба на Владата, Мицкоски вели дека не станува збор за погрешна проценка, туку за вистинска одлука која на површина ја извадила „целокупната немоќ на Владата и нејзините механизми на владеење“.

– Уште од почетоков знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина, вели Мицкоски.

Според него, пропаѓањето на иницијатива не некаков успех или неуспех на кого било, туку „само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна“.

– На кратко кажано, вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне. Во моментот имаме Влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за подоцна да се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на изјавата на пратеникот Кастриот Реџепи дека неговата одлука да не ја подржи иницијативата за недоверба на Владата е „резултат на убедувањето што го добил од претставници на САД и ЕУ дека земјата ќе добие датум за преговори во декември и дека ќе биде решен спорот со Бугарија“, Мицкоски вели дека нема такви информации, како и дека досега нема чуено оти некој од тие центри на моќ го потврдиле тоа.

Во врска со оставката премиерот Зоран Заев, Мицкоски нагласува дека не е потребна само негова, туку и оставка на целата Влада, по што „единствениот разумен и логичен исход“ би биле брзи избори.

– Сега имаме една неодржлива ситуација каде имаме Влада без мнозинство пратеници која дополнително е без легитимитет, декласирана на локалните избори кои се одржаа пред две недели. Изборите се решение за да се провериме кај народот и што тој мисли за целата оваа состојба. Оваа Влада нема капацитет да се носи со енергетската криза која зема замав, како и со политичката криза која дополнително следи. Што се однесува до Заев тој уште еднаш ја замајува јавноста и уште еднаш не си го одржа сопствениот збор, а тоа е доколку загуби на локалните избори си оди од политиката. Но, неговото останување во политиката ќе биде продолжување на кризата и тој во ниту еден сегмент не може да биде клучен за кое било добро решение за државата, наведува Мицкоски во интервјуто за белградска „Политика“.