Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повторно ги повика сите политички партии да се здружат во ново парламентарно мнозинство, на што партиите од владејачката коалиција порачаа дека остануваат дел од актуелната Влада предводена од СДСМ и дека нема потреба од нови парламентарни избори. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев оцени дека ваквите пораки ги разобличиле сите дезинформации на ВМРО-ДПМНЕ за наводни нови мнозинства, нагласувајќи дека владините партнери продолжуваат да работи посветено заедно за доброто на граѓаните.
Заев вчера на прес-конференција упати благодарност до партнерите од владината коалиција кои во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат „заедно на демократскиот и европскиот пат“ и ги потврдија своите заложби „државата да продолжи да се движи напред“.
Помалите партии, односно коалиционите партнери веднаш излегоа со реакција со став дека владината коалиција и мнозинството е стабилно. Бујар Османи од ДУИ го порача ова, истото го изјави и ген секот на БЕСА, Аријанит Хоџа, како и Горан Милевски од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ. Се огласија и од ДПА и од другите партии, кои порачаа без разлика на исходот од локалните избори, остануваат дел од владиното мнозинство.