ВМРО-ДПМНЕ планира на следните листи за пратеници да има и кандидати Албанци. Претседателот Христијан Мицкоски вели дека е во контакт со Албанци и потенцијални кандидати од други етнички заедници. Целта на македонската опозиција е на овој начин, како и СДСМ, да се приближи до квалификувано мнозинство, познато како Бадентер. Опозицискиот лидер го повтори ставот дека ВМРО на следните избори цели да освои најмалку 61 пратеник, а приоритет за партнерство ќе има албанската опозиција.
„Зошто да не кога имаме членство од сите етнички заедници. Македонија им припаѓа на сите луѓе. Ова е нашата кампања. Секој што има амбиции, квалитети и одговорности да работи за Македонија и да не се срами како оние министри што се срамат да покажат дека се македонски министри и се срамат да се сликаат покрај македонското знаме, се добредојдени. Ве охрабрувам и ви кажувам дека имам контакти со некои од нив Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи итн, за да се најдат на следната победничка листа на ВМРО-ДПМНЕ со најмалку 61 пратеник“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
И покрај тоа што сака да го обезбеди двотретинското етничко гласање познато како Бадентер, Мицкоски останува и на идејата за отстранување на овој принцип заедно со определбата за 20 проценти и балансерот за време на вработувањето.
Бадентер е уставна категорија утврдена со Охридскиот договор, со која се предвидува поддршка со двојно гласање од страна на пратениците од немнозинските заедници во Собранието, за систематски закони кои ги засегаат интересите на заедниците.