По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар организираше трибина: Мајчиниот јазик е идентитет.
Зоран Љутков, претседател на Комисијата за култура и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на трибината напомена дека демократските држави во светот на овој ден преземаат серија на активности чија цел е понатамошно да го зацврстат ставот кај луѓето и кај владите за големото значење на мајчиниот јазик.
Лидерот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на почетокот од трибината во малата сала на Центарот за култура „АСНОМ“ се осврна на значењето на мајчиниот јазик во средини каде има повеќе заедници како што е Гостивар и е основа за соживотот.
– И тоа што мајчиниот јазик претставува за нас, Македонците, подеднакво нивниот мајчин јазик претставува и за другите заедници кои се застапени во нашата Македонија. Тоа што сакаме да го почитуваат кај нас Македонците, мора да значи да го почитуваме и кај останатите заедници во Македонија. Затоа потребно е да научиме да се слушаме едни со други, да се почитуваме дури и тогаш кога не се согласуваме. Македонија за сите луѓе кажете го на сите јазици, но значењето сепак на крајот е исто. Ова не е само обична политичка порака или слоган, туку суштината, темелот врз кој ние треба да го градиме нашето заедништво, рече Мицкоски на трибината.
Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари честитајќи го Денот на мајчиниот јазик зборуваше за важноста да се почитуваат јазиците во средина како што е Гостивар и неопходноста за почитување на туѓиот јазик.
– Отсекогаш сум гледал на јазиците научен восхит и почит. Уште од мал, во мојот Гостивар слушам три различни јазици кои се зборуваат толку природно на едно место. Една од најубавите кампањи што ги започнавме со мојот тим беше токму Three Languages One City! (три јазици, еден град). Инспирирани од нашиот град, кој толку убаво го чува ова богатство, сакаме да му покажеме на светот дека постои град, Гостивар, во кој Албанците, Турците и Македонците зборуваат во мир и со меѓусебно почитување нивниот јазик. Се разбира, без да се заборават јазиците на заедниците кои живеат во нашата земја, бидејќи тие го збогатуваат мозаикот со кој сме благословени. Јазикот е незаменлива алатка за подобро да се запознаеме, да се разбереме, да растеме заедно, да напредуваме заедно, рече Таравари.
На трибината зборуваа проф. д-р Михајло Марковиќ од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на ДУТ-Тетово, проф. д-р Агим Пољоска од Катедрата за албански јазик и книжевност од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и проф. д-р Махмут Челик од Катедрата за турски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.