Актуелната политичка и економска состојба и справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 биле темите за кои денеска разговарале претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, генералниот секретар на оваа партија Ѓорѓија Сајкоски и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски со директорот на Меѓународниот републикански институт за Македонија Овен Паун.
Мицкоски, како што соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека власта потфрли да ги заштити граѓаните и на време да обезбеди вакцини против КОВИД-19. Поради тоа, како што се наведува, заостануваме зад Европа и регионот како една од земјите кои најмалку вакцинира, но пострашно е што лошото справување со пандемијата предизвика Македонија да се наоѓа често во врвот на земји со најмногу починати на листите на милион или 100.000 жители.
-Во однос на политичката ситуација, Мицкоски потенцираше дека власта со бројните коруптивни афери, како што се издавањето на лажни идентитети на најбараните криминалци во Европа, како и двојните идентитети на македонски граѓани ризикува да го загрози безвизниот режим на земјава, како и ја наруши довербата кај меѓународната заедница. За коруптивноста на власта и инволвираноста во криминали доказ се последните случувања со заплена на дрога и коруптивни афери во кои осомничени се владини функционери и лица блиски до власта, се вели во соопштението.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата нагласил дека власта катастрофално се справува со економската ситуација, а како резултат на тоа 60.000 граѓани веќе се останати без работа, а десетици илјади бизниси се затворени бидејќи, како што се наведува, мерките кои се носат се недоволни да одговорат на реалните потреби на граѓаните и стопанството.
– Во иднина планираме продлабочување и проширување на соработката во подготовка на програмата и работата пред следните избори, изјави Мицкоски.