Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средба со градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, Биљал Касами. Средбата се реализираше во општинската зграда, а двајцата порачаа дека Македонија се движи во погрешен правец.
-Разговаравме на актуелните теми кои што ги мачат сите граѓани во Македонија, разговаравме за актуелната политичка и економска ситуација, како што кажа градоначалникот зборувавме за предизвиците со енергетската криза. И навистина дојдовме до еден заеднички заклучок, а тоа е и практично заклучокот на огромно мнозинство граѓани, би рекол повеќе од две третини дека државата оди во погрешен правец, дека Македонија се движи во погрешен правец и дека оваа влада треба час поскоро да замина за да и тргне на Македонија и на граѓаните од Македонија без разлика дали се тоа граѓани на Скопје, Штип, Тетово, Гостивар, Струга или Струмица.
Колку подолго оваа влада на СДСМ и ДУИ остане таму каде што е, толку повеќе проблеми ќе имаат сите граѓани, толку повеќе полни автобуси ќе ја напуштаат Македонија и најголем дел од нив никогаш нема да се вратат, толку повеќе ќе имаме корупција, ќе имаме криминал и ќе имаме лоша економска состојба, изјави Мицкоски.