Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по прес конференцијата беше прашан кој е неговиот став за здравствената криза и изјавата на Заев дека нема да сноси одговорност.
„Страшно е кога човек нема да знае кога греши. Велат на човек не можеш да му дадеш со сила, може со сила да му земеш. Не можеш да ги натераш луѓето да се соочат со сопствената одговорност. Очигледно е дека кај тие луѓе не постои ниту морал, ниту било какво чувство. Излегоа вчера, го слушам политикологот Караџовски, вели дека не барале одговорност од Меркел, не барале одговорност од Џонсон, што не е точно. Семејствата на луѓето кои што изгубиле некој близок ќе го тужат и покренуваат судски спор против Борис Џонсон, но еве не знае, иако сака многу со политика да се бави“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека најмалку што требаше некој да направи е да понесе одговорност.
„Најмалку што требаше е наместо да збори во трето лице еднина, вчера Зоран Заев најмалку што требаше е да понесе одговорност, но за жал тоа го прават свесни луѓе, државници, патриоти кои си ја сакаат својата држава и својот народ. Очигледно дека кај овие луѓе тие чувства ги нема и тие карактерни особини“, нагласи Мицкоски.